За книжевноста која вистински прегрнува во тешки моменти

За книжевноста која вистински прегрнува во тешки моменти

Писателот Алекс Витл за BBC Culture во само неколку минути импресивно сублимира каков емотивен ефект кај дете и млад човек може да има книжевноста. Особено во моментите на немоќ и страв.

-Израснав во суров дом за деца без родители, Ширли Оукс, кој и денеска е под истрага. Книгата на која се сеќавам, која ми помoгна да избегам од проблемите со кои се соочував секој ден беше Халкбери Фин, бидејќи замислував како пловам долж Мисисипи и бегам од сè.

А толку многу сакав да избегам од животот во домот. Книгата ми отвори некакво ментално прибежиште, ако сакате, простор на утеха, можев да исчезнам во тој простор и да поверувам дека во тој миг не сум во Ширли Оукс, не сум во селото околу домот за деца, дека пловам долж Мисисипи, и дека ме чека авантура.

Очајно ми требаше таков наратив, да ме убеди дека животот може да биде различен, дека може да биде полн авантури и забава, и ескапизам ако сакатe.

Ми даде некаков појас за спасување, кој можев да го зграпчам во очајната потреба нешто околу мене да се промени.

Имаше периоди кога бев млад и бев суицидален. Сакав сè да заврши. Но фикцијата ме протурка низ тие тешки моменти. И тоа мора да е така бидејќи може да ве мотивира. Може да направи повторно да верувате во луѓето.

Фикцијата ме направи емпатичен. Можав да замислам дека има луѓе, деца далеку во светот, на кои им е многу полошо од мене. Се сеќавам дека го читав „Дневникот на Ана Франк“  и тие луѓе страдале под незамисливи околности. И помислив „ако тие можеле секој ден да продолжуваат напред, ако можеле да создаваат живот, можеби и јас би можел да се обидам.“

После протестите во Брикстон поминав период во затвор. Тогаш читав биографии. Се сеќавам дека ја читав биографијата на Боб Марли, на Малколм Икс. Приказни кои ме оснажнуваа, ме потсетуваа дека големи луѓе кои постигнале големи нешта исто така поминале низ тешки места и околности. Тоа ме охрабри, кога излегов од затвор, да го барам своето место во светот. Понекогаш во такви оконости, кога сте во кафез, и не ви е допуштено слободно време ви треба некој пример за да си речете „Да. Ова можам да го направам. За мене има место во општеството. За мене има надеж. И во тој конкретен миг од мојот живот, кога имав 18, 19, 20 години, читав биографии кои ми „вградија“ некакво верување, некаква надеж која очајно ми требаше во таа фаза од животот “

Текстовите (сеедно кој жанр) кои менуваат, прегрнуваат во тешки моменти, се закрила и зрак светлина во сенките се текстовите над кои се крварело (Ернест Хемингвеј) и многу се работело.

Текстови каде опасноста и заканата ве смрзнуваат (како што се чувствува секое дете над шест годни кога попатно во некој момент слуша дека имало смртен случај, дека повозрасните се во ризик и помислува на баба му и дедо, му се смрзнува, и не ви кажува ништо. И брзо заборава и продолжува со игра бидејќи, фала Богу, таа фаза е период на силни потиснувачки механизми. Ама потоа мислата се враќа пред спиење. И тогаш често треба моќна содржина (книга филм).

Или комични книги и филмови кои се смеат во лицето на стравот и паниката, ја карикираат паранојата, ама не си дозволуваат нивна релативизација. И игнорирање.

И тоа секако не се брзо склопените „римички за коронички за седење по домички“ напишани во момент на илузија за креативен занос (не не не..тоа е само многу слободно време). И не смее „секоја наива во рима“  да може да се „тупне“ како „текст за деца“.

Секоја чест на неколку исклучоци.

Гестот и идејата да се пополни времето за некакво читање е фина и благородна секако. Можеби ќе понудат неколку моменти за веселост.

Но веројатно е дека нема да останат запомнети.

И тоа е конечно фер, пред лицето на квалитетната книжевност.  Како на пример преводот на македонски на „Шишето и срцето“ кој се појави пред кратко време.

За тоа утре-задутре 😉


Лени Фрчкоска