(ВИДЕО) 360° Дали зад иницијативата на уставен судија за укинување на одлуката за распуштање на Собранието се крие нечиј политички план

(ВИДЕО) 360° Дали зад иницијативата на уставен судија за укинување на одлуката за распуштање на Собранието се крие нечиј политички план

Кога на 16 февруари пратениците гласаа за распуштање на Собранието, најверојатно, никој не ни помислувал дека следниот месец, наместо во изборна кампања, државата ќе влезе во вонредна состојба. И бидејќи Талат Џафери смета дека распуштен парламент не може повторно да се состане, обврската за прогласување вонредна состојба падна кај шефот на државата.

„Јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука, само затоа што имаме ситуација без преседан кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања“,

кажа претседателот Стево Пендаровски на прогласување вонредна состојба по втор пат.

По втората одлука на Пендаровски за уште 30 дена вонредна состојба, во распуштениот парламент, освен птиците, долета и иницијатива на 35 пратеници кои побараа да се вратат во собраниските клупи за да ги потврдат одлуките на претседателот.

Потписниците велат дека ниту една институција не смее да создаде правен вакуум оти одлука за нови избори се уште нема, а еден ден ќе заврши вонредната состојба.

„Мандатот на пратениците е во сила се до моментот на верификација на мандатот на новоизбраните пратеници. Секако, ова не значи дека Собранието би требало да се врати во полна сила која ја има согласно закон и деловник, но зборуваме за конкретна ситуација, бидејќи согласно Уставот, Собранието е тоа што треба да прогласи дека веќе нема услови за продолжување на вонредната состојба и да ја заврши“,

вели пратеничката од СДСМ Снежана Ванчева – Калеска -пратеничка.

И Алијанса за Албанците ја поддржува оваа теза. Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, кој и како доктор го следи развојот на заразата, смета дека не може предолго ингеренциите да се препуштаат на индивидуа, дури и да се работи за претседател на државата.

„По Устав сме парламентарна демократија и би требало и претседателот и владата да ги контролира парламентот. Инсистираме зошто не знаеме колку ќе трае оваа состојба. Кога би знаеле дека уште 10 дена се ќе заврши, тогаш не би имало потреба, меѓутоа хипотетично, ако оваа состојба трае уште 6 месеци, што ќе правиме ние, целата држава ќе биде блокирана, еве и 2 години да речеме хипотетично, ќе мораме да почекаме само претседателот да функционира“,

вели Таравари.

Артан Груби од ДУИ, пак, себеси се смета за поранешен пратеник. Вели дека нема мандат да се врати со Собранието, иако и натаму зема плата како пратеник.

Тоа значи дека ако сега се бара притвор можат слободно да ве апсат?

Се надевам дека нема да се бара притвор и нема да има потреба од апсење. Но верувам, претпоставувам – да, затоа што ние го предадовме мандатот кон граѓаните. Во однос на платата, вие знаете дека имаме засновано работен однос со Собранието и се до изборот на новите пратеници кои ќе го заземат тоа место ние ќе земаме плата од страна на тоа Собрание“,

ни одговори Груби.

Актуелниот спикер, кој сега не сака да го свика Собранието, беше подносител на иницијатива до Уставниот суд со која во 2016 година ја оспори одлуката за распуштање на парламентот со одложено дејство.

По иницијативата на Талат Џафери, Уставниот Суд, во мај 2016-та, протолкува дека мандатот на пратениците не може да продолжи при самораспуштено Собрание, освен во воена или вонредна состојба. А токму таква ситуација имаме сега. Дополнително што одлуката за самораспуштање заради одржување избори во рок од 60 дена не е реализирана. На последниот факт се темели и новата иницијатива од уставен судија кој предлага Уставниот суд по службена должност да поведе постапка и да ја укине одлуката за распуштање на Собранието.

Денеска, спикерот Џафери вели дека ќе ja почитува одлуката на Уставен суд, иако до вчера барањето на пратениците го сметаше за пуч.

Универзитетската професорка Беса Арифи вели дека е важно каква уставна пракса ќе се развие периодов, со оглед на очигледните правни празнини.

„Изборите не се одржани во период од 60 дена, како што налага Уставот, така што самото Собрание не е свикано и остануваат многу дилеми и отворени прашања за тоа кој ќе донесе таква одлука за избори, како ќе се решат овие правни празнини. Тоа е прашање на толкување, што ќе се реши во врска со начинот, дали ќе продолжи мандатот на овие парламентарци во оваа вонредна ситуација“,

вели Арифи.

Не е јасно дали уставниот судија кој предлага укинување на самораспуштањето на парламентот е осамен во иницијативата, дали ќе добие поддршка од мнозинство во Судот и дали идејата има политички патрон.

Ние како партија сакаме став, би претпочитале став од Уставниот суд од каква било иницијатива. И да рече Уставниот суд дека може да се врати самораспуштено Собрание, ДУИ ќе се врати и ќе гласа“,

вели Груби.

Со ДУИ и не ме чуди многу бидејќи се во власт и секогаш им треба власта за да не им се расипе нешто во нивните слободи и луксузот што го имаат, меѓутоа ВМРО ДПМНЕ како опозициска партија да им одговара ваква статус кво состојба, во којашто работата на Парламентот ја врши Владата, не ми е јасно зошто не го поддржуваат“,

прашува Таравари од Алијансата за Албанците.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Уставниот суд пред дваесетина дена веќе отфрли иницијатива на Светскиот македонски конгрес кој бараше поништување на одлуката за распуштање, меѓу другото, затоа што изборите не се одржаа во предвидениот рок.

„Тогаш уставниот суд ја отфрли како неоснована. Слична некоја таква иницијатива претпостѕавувам ке се најде на дневе ред сега или воопшто нема да се најде на дневен ред во среда. Да почекаме Уставниот суд да се произнесе и дури потоа ние како политичари ќе ја коментираме од наше гледиште одлуката која ќе ја донсеат уставните судии“,

рече Мицкоски.

Тој повторува дека за нив брзи избори не се опција.

Не е прашањето дали ние на избори ќе излеземе со маска или со ракавици, прашањето е дали можеме некој човечки живот повеќе да спасиме ако тие избори се случат некој месец подоцна и прашањето е кога ке излезем пред граѓаните и ќе ветуваме, што ќе ветуваме? Да знаеме дека тоа што ќе го ветиме ќе го испорачаме“,

вели Мицкоски.

Лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев смета дека опозицијата купува време.

„Самото заседание на Собранието веќе ќе ги дефинираше отприлика и датумите за изборите. Тие би ловеле во матно, би купувале време, да се одложува целава работа, надевајќи се дека низ времето економските последици од кризата  ќе надвисат и така на некој начин ќе се вратaт и ќе имаат шанса за победа на изборите“,

изјави Заев во гостувањето на „Утрински брифинг“.

Појасна слика за насоката во која ќе се движат работите треба да се очекува в среда, по стручниот колегиум во Уставниот суд кога ќе се дознае дали има мнозинство за иницијативата за укинување на распуштањето на парламентот.

Тоа може битно да ги предодреди и темите за лидерската средба која претседателот Пендаровски ја најави за почетокот на идната недела. Зашто евентуално враќање на Собранието ќе значи и враќање на изборниот процес од почеток. Во такво сценарио, ќе треба нова одлука за распуштање на Собранието, ако се реши изборите да бидат предвремени.

Извор: 360 Степени