МКЦ почнува со музичка програма во соработка со Кино Шишка од Љубљана, вечерва два концерта

МКЦ почнува со музичка програма во соработка со Кино Шишка од Љубљана, вечерва два концерта

МКЦ информира дека од денеска почнува со музичка програма во соработка со Кино Шишка од Љубљана. Концертите ќе се реализираат онлајн, а публиката ќе може да ги проследите преку „Фејсбук“, „Јутјуб“ и платформата „Зум“.

Вечерва, со почеток од 20 часот ќе настапат нашите Светлост + Odron Ritual Orchestra, а веднаш потоа OHOLO! од Словенија.

-Охоло! е голем бенд, колектив, септет што се создава на пресекот на импровизирана и компонирана музика. Тоа е џез со извичник, како што напиша Марио Бателиќ во своите забелешки за бендот: – Има нешто необично и малку вознемирувачко во врска со името на овој бенд (што грубо се преведува како „гордо“, „арогантно“, можеби дури и „фамозно“), запечатен како што е со извичник што го бара вашето неразделно внимание. Тоа укажува на неконвенционалното и дрско. Тоа е име што, да бидеме искрени, нè тера да размислуваме повеќе за незгоден панк бенд од група на некои од најистакнатите претставници во земјата на џезот, импровизацијата и експерименталната музика, велат од МКЦ.

Светлост e македонски музички колектив основан во 2014 година. Светлост е флексибилен ансамбл, кој основното трио Новковски, Омерагиќ, Спировски го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили.

-Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Во оваа инкарнација наречена Svetlost + Odron Ritual Orchestra членуваат најзначајните џез музичари од повеќе генерации, кои зад себе имаат преку 30 албуми и 1000 концертни настапи со групи како Sethstat, Палиндром, The Local Blue, Fighting Windmills, SD4, Shock Troopers, Aeon Arcanum, ГЛАСНОМ, Yordan Kostov Ensemble Modern, Avadarxi Quartet, La Colonie Volvox итн., кои во рамките на композициите на Новковски/Омерагиќ/Спировски наоѓаат плодно тло за звучна интеракција, која ги замаглува границите на формалното и слободното, информираат од МКЦ.

Во септември 2019, во соработка со издавачот PMG Jazz, го издадаваат своето деби LP „Odron Ritual Orchestra“ кој се најде на неколку релевантни листи за најдобри џез албуми за 2019.