Бидување заедно од дистанца

Бидување заедно од дистанца
Грешиме. Во потрага по грешки, грешиме. Без да се стави крај. Изгубени пред многу силен, невидлив непријател. Но навистина ли е непријател? И нашата битка – би можела ли да биде таква за која никогаш не беше прогласена војна?

Кои се вистинските зборови?

Прописи врз прописи, продолжуваат да бидат издавани во обид да се направи фронт во ситуација која станува сѐ повеќе ургентна и сериозна. Прописи за вонредност, за состојба која се излева надвор од вообичаените правила. Прописи, кои настојуваат да го задржат тоа што се чини целосно надвор од контрола.

Веројатно, се настојува да се контролираат и најситните детали? Бидејќи деталите се важни… Дури се вели дека токму во деталите се крие добриот Бог.

Една работа, барем, е јасна. Тоа што верувавме дека го знаеме нема да послужи за една соодветна анализа. Потребни се нови зборови…

Погодениот живот, веројатно, е гол? Животите на жителите на оваа планета во немирен метеж, се голи?

Ги живееме нашите тела како предмети на очај, соголени пред можноста да превагне нивната исклучителна важност. Тела кои не се само вектори на епидемии. Туку и средства кои го пренесуваат тоа што сме. Средства за комуникација. Симптоми на нашето заедно-бивство (essere comune), кожни контури кои чувствуваат и се изложени, вперени да се заштитат и дoпуштат контакти. Можни различни форми на тоа што сме го вдишале, разбрале, запаметиле, заборавиле, сонувале… Никогаш само поединчено – невозможно е. Туку секогаш во заедништво.

Заедништво кое никогаш не е и втолпеност, измешаност, конфузија. Никогаш едногласно, особено не кога се оформува неговата конечна сила. Одделувањето и дистанцата се негови чувари. Чувари на соодноси кои не треперат затоа што се плашат, туку токму заради тоа што се доведени во прашање.

Безвреден е обидот да се претпостават форми на живот кои не се во сооднос, да се теоретизира за животи без соодноси.
Безвредно е да се прибегне кон теорија кога некој се препнува. Апстракцијата е секогаш реална. Таа е една од највозвишените форми кои телото ги претполага, од кои има потреба.

Да се биде заедно од дистанца е напор кој го прави можно измислувањето нови зборови, нови пози, нови хоризонти. Патем, нешто веќе се случува. Воедно, се работи за напор кој бара многу трпение.

Многу жени го искусиле овој напор на своја кожа низ вековите, во нивните домови.

Одново ќе го откриеме средиштето на состојба на домување (condizione domestica). Ќе имаме можност, конечно, да го откриеме нејзиниот политички потенцијал, од каде што приватноста не е лишена. Телата за кои верувавме дека знаеме како се употребуваат, ако сме вдомени и знаеме како да го насочиме пригодното внимание, ќе нѐ однесат таму каде што досега не сме биле.

Ова е можноста. Да не ја пропуштаме.

 

Елетра Стимили

Сапиенца, Рим,
9.03.2020

превод: Вики Младенова